ЕКОНОМИЈА

Општините немаат финансиски капацитет сами да го платат гасоводот

Поголемиот дел од локалните самоуправи немаат пари самите да ја финансираат гасификацијата во својата општина. А, не се знае ниту приближно колкав ќе биде трошокот за граѓаните. Доколку не се договори јавно – приватно партнерство со фирма која гасот ќе го носи до домовите на граѓаните многу тешко ќе биде реализиран проектот за гас до секое домаќинство. Петре Шилегов, како прв човек на ЗЕЛС вели дека се чека одлука на национално ниво. Тој вели дека иако Град Скопје има финансиски капацитет сам да обезбеди пари за приклучок на граѓаните, ќе биде дел од договорот, бидејќи во спротивно потенцијалниот инвеститор ќе го изгуби интересот за бизнис.

„Самата обврска за терцијалната гасификација во овој момент може кај многу од општините да предизвика товар, а не само бенефит. Од друга страна Скопје како град е најатрактивниот дел од комерцијалниот дел од бизнисот со гасификацијата. Мое лично мислење е дека немаме право ние како Скопје или како Скопјани да го монополизираме правото на гасификација“, рече Петре Шилегов Претседател на Заедница на единиците на локалните самоуправи.

Две фирми се веќе заинтересирани да ја градат дистрибутивната мрежа на гасоводниот систем. Компанијата која ќе го добие бизнисот ќе треба гасот да го дистрибуира до општините. Неизвесно е кој потоа ќе го дистрибуира до домаќинствата – дали истата компанија или тоа ќе биде обврска на општината. Министерот вели допрва ќе се договара цена за приклучување.

„Моментално немаме калкулации, затоа е постапка на конкурентен дијалог, каде заинтересираните страни во случајов две компании во моментов треба да дадат понуди, но може и државата да субвенционира, па така може и да не е скапо за нашите граѓани кои ќе сакаат да се приклучат на природниот гас“, изјави Крешник Бектеши министер за економија.

Главни услови за добивање на тендерот за дистрибутивната мрежа на гас е компанијата да има најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните три години. Во првите четири години има обврска да изгради најмалку 50 отсто од мрежата во градските општини и најмалку 20 отсто во руралните општини. Реализацијата на гасоводот кој поминува од Скопје до Тетово и Гостивар изнесува 70 отсто, и се очекува до април да финишира.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button