
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оцени дека има повеќе од доволна количина на брашно во државата, а мелниците имаат задоволителна количина залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Тој ова го порача при посетата на една од тетовските мелници во село Порој при што рече дека нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување брашно, имајќи во предвид дека ги има сите количини што и потребни на државата.
-Оваа мелница е една од најголемите извозници на брашно во земјава и во моментот согласно последната одлука за забрана за извоз на одредени житарици, брашно и масло за јадење сега продава само на домашниот пазар. Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови, кажа министерот Бектеши.