
Рускиот претседател Путин изразил желба да седне на иста маса со украинскиот колега Зеленски. По телефонскиот разговор Путин-Ердоган, Ибрахим Калин, советник на турскиот претседател, во интервју за Би-Би-Си сподели детали и откри дека Москва има две категории на барања за да се стави крај на војната. За првата категорија, како што вели, која се однесува на воената неутралност на Украина, лесно би се постигнал договор. Но, додава дека за втората категорија барања, Путин кажал дека ќе треба да преговара со Зеленски во четири очи. Тие се однесуваат на признавањето на руски суверенитет над Крим, како и прифаќање на Доњецк и Луганск како независни републики.
Пристигна одговор од Киев. Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба во изјава за весникот „Украинскаја правда“ рече дека Зеленски е подготвен за преговори.
„Доколку рускиот лидер покаже подготвеност, тие може да се сретнат буквално утре, задутре. Зеленски е подготвен за таа средба. Неговиот став е јасен, формиран за сите прашања, а Украина е подготвена за овие преговори“, изјави Дмитро Кулеба – министер за надворешни работи на Украина.
Денеска Путин, во телефонски разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц, обвинил дека Киев се обидува да ги одолговлечи преговорите, поставувајќи нереални предлози. Воедно и портпаролот на Кремљ, во аудио изјава, кажа дека украинската делегација треба да биде поенергична во преговорите.
„Руската делегација е подготвена да работи многу побрзо. За жал, украинската делегација не покажува подготвеност да ги забрза преговорите со Русија“, нагласи Дмитри Песков – портпарол на Кремљ.
На самиот почеток од преговорите на двете делегации пред неколку недели, Зеленски кажа дека не очекува голем напредок од средбите во тој формат и побара уште веднаш да се состане со Путин. Тогаш руските преговарачи одговорија дека средба на двајцата претседатели ќе се оствари кога ќе има конкретно можно решение. Британскиот весник „Фајненшел тајмс“ неодамна објави дека постои нацрт-договор за примирје сочинет од 15 точки.
Лука Андреев