Најмногу двојни државјанства во земјава имаат Македонците

Заводот за статистика објави нов сет податоци од Пописот спроведен лани. Околу три проценти од вкупното резидентно население во земјава имаат двојно државјанство.
„Од 1.778.725 од вкупното резидентно население во земјава, 53.201 се државјани на Северна Македонија како и државјани на друга држава, 4.203 се државјани на само една друга држава, а 584 лица немаат државјанство. Половина од лицата со двојно државјанство се млади на возраст од 20 до 34 години и активно население од 35 до 49 години“, Завод за статистика
Најголем број граѓани кои имаат двојно државјанство се мажи и тоа 30.003, а жени се 23.198. Околу 37 отсто од граѓаните со двојно државјанство имаат бугарско државјанство.
„Од вкупно 53.201 државјанин со двојно државјанство, 19.645 од нив, освен македонското, имаат и бугарско државјанство, 10.909 лица имаат и српско, 3.819 лица имаат и хрватско државјанство, 2.393 косовско и 2.164 имаат и албанско државјанство“, Завод за статистика
Според возрасната група, најголем дел од резидентното население со двојно државјанство е на возраст од 35 до 39 години, односно 5.190 лица. 11.768 се млади на возраст од 20 до 34 години или 22%, додека активно население на возраст од 35 до 49 години се 15.171 лице или 28,5 отсто. Според етничката припадност, мнозинството граѓани со двојно државјанство се Македонците – 58,8 отсто, по што следуваат Албанците со 16,04 отсто и Србите – 10,7. /Алсат.мк
Мефаил Исмаили