Матичарите денеска излегуваат на протест – со возила ќе го блокираат центарот на Скопје

И покрај активниот штрајк на вработените во Управата за водење матични книги, денеска матичарите своето незадоволство за неисполнетите барања од надлежните институции ќе го изразат излегувајќи на протест и блокирајќи го центарот на Скопје.
Двочасовниот мотопротестен марш со колона од 30 до 50 возила ќе започне во 15 часот од паркот „Жена борец“, а ќе се движи во правец на Министерство за правда, најави Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Независниот синдикат на Управата за водење матични книги.
„На просторот пред Министерството за правда ќе се задржиме со возилата и лицата што ќе бидат присутни на протестот до 17 часот. За време на протестот ќе бидат блокирани лентите во двата правци и семафорот кај ‘Палома Бјанка’ (до Министерство за правда)“, стои во писменото соопштение од КСОМ.
Пред Министерството за правда, како што најави КСОМ, ќе се одржи и прес-конференција со која ќе бидат пренесени сите актуелности во Синдикатот на Управата за водење на матичните книги.