Судот ѝ пресуди на „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ – државата ќе ја конфискува

„Белата палата“ на ВМРО – ДПМНЕ да се конфискува. Вака пресуди скопскиот Кривичен суд за случајот „Талир 2“, а во конфискацијата се опфатени и други околу 30 партиски штабови. За злоупотреба на функцијата, поранешниот претседател на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски е осуден на шест години затвор, додека екс – генералниот секретар на партијата Кирил Божиновски доби условна казна од две години.
„Во ситуација кога следува кривична одговорност за преземените противправни дејствија, а корист е предметите прибавени со сторување на кривичното дела се одземаат како од сторителот така и од трети лица пораката е јасна дека во иднина, ниту едно одговорно лице во политичка партија или други структури на државата, не треба да се осмели да стори вакво или слично кривично дело…“, рече Даниела Алексовска Стојановска, судијка.
Судот донесе одлука да го одмрзне земјиштето под партиското седиште на ВМРО – ДПМНЕ. Според обвинителството, ова нема да влијае на конфискацијата на зградата.
„Тоа е можно, не е неможно. Да беше неможно, немаше судот да одлучи како што одлучи. Го повлековме предлогот за конфискација на земјиштето, од причина што земјиштето не е опфатено со стореното кривично дело“, рече Љубомир Лапе, обвинител.
Правниот застапник на ВМРО – ДПМНЕ најавува жалба пред повисоките судови. Велат, интенцијата е да се земе целиот партиски имот, а не само седиштето во Скопје.
„Правата на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ беа ускратени. Имено, во текот на постапката не беше сослушан претставникот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ за да се произнесе по однос на сите овие околности. Само ќе укажам на една работа – да се конфискува цел имот на една политичка партија заради некакви дејствија на некои обвинети е надвор од секаква правна и здрава логика“, рече Ружица Николовска, правен застапник на ВМРО – ДПМНЕ.
Според обвинението, Груевски и Божиновски како први луѓе на ВМРО – ДПМНЕ меѓу 2011 и 2016 година ја искористиле моќта од позиција на власт за да обезбедат ново партиско седиште вредно седум милиони евра.
Игор Стефановски