ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Изборен законик“, оваа недела се очекува да се комплетира работната група

„Изборен законик“, оваа недела се очекува да се комплетира работната група

За една недела се очекува да се формира работната група за изработка на новиот Изборен законик. Министерството за правда до крајот на неделата јавно ќе ги објави имињата на членовите на групата. Се дознава дека групата нема да биде комплетна со сите парламентарни партии.

„Досега сите поканети партии, невладини организации и здруженија предложија свои претставници во ова работно тело, со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ. Работната група ќе ја води стручно лице, но не е исклучена можноста во подготовката на Законот да биде вклучен и надворешен експерт“, велат од Министерство за правда.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во Работната група за новиот Изборен законик ќе предложат член во моментот кога ќе се постигне договор земјата да има изборна единица, која поголемите владејачки партии постојано им ја ветуваат на помалите партии.

Преговорите за нов изборен законик беа најавени на почетокот на мај. Работната група треба да се состои од членови на институции, политички партии, експерти и претставници на НВО. Сегашниот Изборен законик претрпе над 30 измени од неговото првично изготвување.

Институциите кои се занимаваат со спроведување на изборите велат дека тоа станало некохерентно и тешко за спроведување. ОБСЕ-ОДИХР долго време инсистираат на нов изборен закон кој ќе ги вклучи препораките на оваа меѓународна организација за следење на изборите. Отворените листи, гласањето на дијаспората, финансирањето на изборните кампањи и мониторингот на медиумите се едни од најважните прашања во изборниот процес во земјава, кои треба да се решат.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button