Пендаровски го прифати францускиот модифициран предлог
Пендаровски го прифати францускиот модифициран предлог

За претседателот на државата Стево Пендаровски, прифатлив е францускиот модифициран предлог. Според него, одлуката „за“ нема да претставува ниту историски триумф, ниту историски дебакл. По седницата на Советот за безбедност, Пендаровски кажа дека го поддржува предлогот на Париз бидејќи, како што вели, со ништо не се поткопува македонскиот идентитет, а македонскиот јазик има чиста формулација во преговарачката рамка, без дополнителни појаснувања.
Според претседателот, не е точно дека историјата ќе биде услов во преговорите. Сепак, тој предлага, доколку во било која етапа од преговорите за членство со Брисел се наметне услов кој се однесува на историјата, јазикот и идентитетот – Скопје да се повлече од преговорите.
И покрај тоа што дава поддршка, Пендаровски сепак истакна дека не му се допаѓа механизмот во предлогот на Франција, со кој текот на преговорите зависат од уставните измени кај нас, односно од внес на Бугарите.
Тој овој механизам го нарече „можност за внатрешна блокада“ на преговарачкиот процес, бидејќи барем во моментов нема 80 пратеници кои би го поддржале отворањето на Уставот и затоа, како што додава претседателот, засега овој услов изгледа невозможен за исполнување./Alsat.mk
Лука Андреев