МАКЕДОНИЈА

ВМРО ќе даде поддршка за предлогот, но ако се измени

Нема поместувања во ставовите за францускиот предлог кај премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои денеска за првпат седнаа на заедничка маса. Според Мицкоски, документите од францускиот предлог што му ги презентирал Ковачевски не се текстови со кои се обезбедува европска иднина, туку се обид за, како што вели, асимилација и бугаризација. Мицкоски му порачал на премиерот да го отфрли предлогот, а за возврат и тој ќе направел отстапки.

„Да го одбие ова што е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори и да ги ставам сите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ институционално и да и помогнеме на Владата во надминување на предизвиците, коишто оваа зима ќе се појават пред нас. Тука пред сè мислам на безбедносни, енергетски, предизвици со храна, финансиски итн.“, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи и дека постои можност ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка за францускиот предлог, но ако тој претрпи суштински измени. Тој побара бришење на членови од нацрт-преговарачката рамка и нацрт-заклучоците, кои според него, навлегуваат во македонскиот идентитет, јазик и историја.

Од друга страна, премиерот Ковачевски тврди дека со преговарачката рамка Брисел недвосмислено го прифаќа македонскиот јазик и во неа не се опфатени историските и билатералните прашања. Тој нагласи дека никој никого не може да асимилира и им се обрати на граѓаните:

„Сите сме свесни за чувствителноста по однос на ова прашање. Лесно е да отфрлиме, да одложиме, да избереме нова неизвесност, но во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава. Потребна е мудрост и одговорност и објективно анализирање на сите сценарија, грижејќи се за иднината на нашите деца. Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика“, реле Ковачевски.

По средбата со Мицкоски, Ковачевски за утре најави и состанок со претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. По што, од најавениот широк консултативен процес, ќе остане да се произнесе уште Собранието.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button