Се продлабочува кризата во Град Скопје

Судирите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Град Скопје доведоа до оставка на двајца директори, членови на ВМРО-ДПМНЕ.Директорот на депонијата „Дрисла“ Јане Мицевски и директорот на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ Скопје, Бојан Христовски денеска најавија оставки со образложение дека при извршувањето на нивните работни задачи немало координација со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и таа не била заинтересирана за работа и не комуницирала со нив.Но Арсовска, преку објава на Фејсбук нагласи дека директорите прифатиле понуди за оставка или разрешување, поради несоодветна работа.
Во меѓувреме, советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје велат дека Арсовска вчера ги пофалила директорите на јавните претпријатија, дека се на врвот на нивните задачи, а денеска тврди дека не дале резултати во нивната работа. Советниците од опозицијата ја демантираат Арсовска дека имало понуди за оставка и разрешување. Тие ја советуваат Арсовска, дека менувањето на архивските броеви е кривично дело. Во меѓувреме, од партијата на Мицкоски потенцираат дека воопшто не се задоволни од досегашната работа на Арсовска.
Денешните оставки на двајцата директори се случуваат ден откако Арсовска, ги разреши директорот на „Водовод и канализација“ и генералниот секретар на Град Скопје, иако последниов рече дека поднел оставка. Смената на кадрите на ВМРО, Арсовска го правда со тендерскиот процес за пречистителната станица на реката Вардар, кој според неа се водел нетранспарентно.
Ајнур Бафќари