ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Партиски и невладини организации приматели на руски пари?!

Голема е веројатноста структури во земјава да биле примателите на руски пари, со цел поткопување на демократскиот капацитет и антизападно влијание. Според аналитичарот Петар Арсовски оваа теза ја потврдуваат анализите на МНР. Арсовски оцени дека Македонија е подложна земја на вакво влијание особено од културолошки аспект. Тој како пример ги посочи обидите кај дел од јавноста да се отфрли Преспанскиот договор што овозможи членство во НАТО, но и лажните вести што ги продуцираа велешани за време на изборите во САД, кои беа во полза на Доналд Трамп.

Advertisements

„Се работи за организации – партиски организации, невладини и други неформални организации, понатаму индивидуални лица, новинари, медиуми, опинион-мејкери и лица кои имаат влијание на социјални медиуми, инфлуенсери итн. Релативно е широк списокот на луѓе кои би можеле да го направат тоа влијание. Во денешно време, со модерната технологија не е голем проблем да стигнете до 30-40 илјади публика“, вели Арсовски.

Според Арсовски, власта нема координиран одговор на влијанието, но затоа доаѓа помош од сојузниците и НАТО Алијансата. Тој вели дека треба да се отвори дебата за тоа дали Владата смее и во која мера да покрене информативни кампањи во медиумите.

„Што се однесува до тоа кои институции треба да реагираат, тоа се сè разбира безбедносните институции – МВР, разузнавање и контраразузнавање, но истовремено и ЗНМ, СЕМ, Министерството за информатички систем, а најмногу Владата треба институционално да инвестира во едукација на примателите, бидејќи не можете да ги затворате новинарите еден по еден – тогаш другите секогаш ќе бидат чекор пред вас. Мора да направите робусен одговор за луѓето да знаат на кого можат, а на кого не можат да му веруваат“, додава Арсовски.

Неодамна од американскиот Стејт департмент брифираа дека 300 милиони долари биле исплаќани во повеќе источноевропски земји за да се засили руското влијание, а меѓу нив се и Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Од македонското МНР кажаа дека постојат сознанија за руско влијание на политичкиот живот во земјава преку одредени извори на финансирање.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button