ЕУ: Бугарите во Уставот, па преговори

За Македонија да ги отвори првите кластери од преговорите за членство со Брисел ќе треба да си ја исполни преземената обврска, за внес на Бугарите во Уставот, брифираат од Мисијата на ЕУ во Скопје. Според заменикот евроамбасадор во земјава, Џулијан Васало, најголемата опозициска партија останува на проевропскиот курс, но засега не ја променила одлуката против уставни измени.
Прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ, Васало на брифинг со новинарите, денеска одговори дека тој остварува средби со претставници на партијата, додавајќи дека во некој момент ВМРО ќе треба, како што рече, да преземе одговорност за патот на земјава кон Европската Унија, но не даде детали. Тој вели дека Македонија има добро досие на полето на меѓуетничките односи и со внесот на Бугарите во Уставот нема ништо фундаментално да се промени. Според него, одлуката за уставни измени е суверена одлука на земјава, но во одреден период ќе треба да се направи избор дали ќе продолжи преговарачкиот процес.
Васало ја повика опозицијата, но и невладините организации да придонесот во скринингот, бидејќи, како што вели, Владата не е и не може да биде единствен чинител во процесот. Во однос на скринингот, од Брисел оценуваат дека Македонија има напредок во повеќе области и оттаму е реалистична прогнозата на Владата за зачленување на земјава во Европската Унија во 2030 година. Заменикот на Гир како пример ја посочи надворешната политика, каде има стопроцентна усогласеност со Брисел, но вели дека има каде треба допрва треба да се работи. Од Мисијата на ЕУ во Скопје повторуваат дека Македонија нема да остане сама за време на кризата, но посочија дека нема доволно капацитети и експертиза за искористување на парите од европските фондови.
Прашан за руското влијание, Васало вели дека постоеле обиди да се минира евроинтеграцијата и оти во Парламентот постои партија која отворено дава поддршка на Москва, но според него, важно е политичкото лидерство да ја поддржува ЕУ-агендата.
Лука Андреев