Посетата на Фон дер Лајен не го предомисли Мицкоски

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, од Скопје изрази увереност дека ќе се оформи двотретинско мнозинство, кое е неопходно за уставните измени што ќе овозможат отворање на првиот кластер од преговорите за членство во Унијата. Таа кажа дека треба да се изнајдат убедливи аргументи во оваа насока и порача сите да сфатат дека имаат одговорност да учествуваат во, како што вели, овој процес што води напред. Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот на партијата, но се осврна и на кажаното на Фон дер Лејен.
„Не знам на што го темели тој коментар. Ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и овие околности тогаш еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи“, рече Мицкоски.
Мицкоски неодамна кажа дека би дал поддршка за внес на Бугарите во Уставот, ако од Брисел пристигнат гаранции дека ќе нема ново вето и Македонија стане членка на Унијата до 2030 со загарантиран македонски идентитет. Од БЕСА велат дека ќе гласаат за уставните измени, а нивниот став за другите теми – како што се бришење на формулацијата 20 проценти, ќе се разговара утре на состанок на партиското раководство.
„Ставот на Движењето БЕСА е про-измени на Уставот и се што се поврзува со процесот на интегрирање во ЕУ. Во овој дел го гледаме и другиот аспект за кои ние сме заинтересирани да биде дел од измените на Уставот. Тој се однесува на дефиницијата за 20 проценти за албанскиот јазик“, рече Касами.
Премиерот Ковачевски повика сите партии да седнат на маса и да разговараат за уставите измени, додека вицепремиерот Маричиќ рече дека иницијативата за уставните измени ќе биде поднесена кога ќе се создадат услови, но не оваа година. Очекувањата се уставните измени за внес на Бугарите, но и други заедници во Уставот, да бидат завршени до ноември идната година, кога би завршил скринингот и би се отворил првиот кластер од преговорите.
Лука Андреев