Дачиќ: Да се симнат маските и да се види дали постои Бриселски договор

Треба да се симнат маските за да се види дали има Бриселски договор, чија имплементација е одговорност на Брисел, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
„По девет години одбивање да се формира Заедницата на српските општини, треба да видиме дали некој размислува за спроведување на Бриселскиот договор, бидејќи затоа го потпишавме“, рече Дачиќ во гостувањето во дневникот на РТС.
Дачиќ рече дека Србија се бори за заштита на Бриселскиот договор и дека „ќе направи се за да го зачува мирот“.
Договорот од Брисел, кој Косово и Србија го постигнаа во 2013 година како дел од дијалогот за нормализација на односите, го отвори патот за интеграција на Србите од северот во важни косовски структури, како што се полицијата и судството.
Претставниците на Србите на 5 ноември поднесоа оставки во локалните самоуправи на северот на Косово, во судството, полицијата и Владата и Собранието.
Одлуката беше донесена откако косовските власти почнаа да го спроведуваат планот за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од српските власти.