Ердоган: Турција прави сè да стави крај на судирите во Украина и да спречи криза со храна
Ердоган: Турција прави сè да стави крај на судирите во Украина и да спречи криза со храна

Турција ги вложува сите напори да стави крај на судирите во Украина, како и да спречи криза со храна, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Самитот на Организацијата на туркофонски држави кој се одржува во Узбекистан, јави агенцијата Анадолија.
– Ги вложуваме сите напори, преку праведен мир да ставиме крај на судирите кои траат девет месеци во Украина. Додека го правиме ова, ги преземаме неопходните интервенции за да ја спречиме кризата со храна, рече Ердоган во неговото обраќање на Самитот.
Ердоган ги повика туркофонските држави да ја прошират соработката во спречувањето и менаџирањето на нерегуларната миграција, потсетувајќи дека Турција е земја која е домаќин на најмногу бегалци во светот од 2014 година.
– Би било соодветно за нас да развиеме заеднички безбедносен концепт и да ги продолжиме состаноците на секретарите на Советот за безбедност, додаде турскиот претседател.
Како што пренесе Анадолија, тој, исто така, рече дека Организацијата на туркофонските држави треба да имплементира фонд за јакнење на соработката.
– Би било корисно да се реализира Турскиот инвестициски фонд што е можно поскоро. Верувам дека финансиските можности што ги дава фондот ќе ја зајакнат нашата соработка и ќе ги забрзаат нашите активности, порача Ердоган.