СДСМ и ВМРО си се обвинуваат за полнење на џебовите со држави пари

По теркот на ВМРО-ДПМНЕ, сега и СДСМ започна да објавува податоци за износот на примањата, но за функционери од претходната власт. На тапет на социјалдемократите се најде Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој всушност ги обелоденува сумите на раководството од актуелната власт. Од Бихаќка велат дека тој како поранешен управител на АД ЕЛЕМ Турс, само од плати добил 30 илјади евра. Воедно, како што додаваат, Томовски го прекршил законот пред да стапи на функцијата, кога преку фирма каде што бил управител, од ЕЛЕМ наплаќал фактури во кеш.
„Компанијата на Томовски од АД ЕЛЕМ, односно од Мицкоски добила тендери во вредност од над 3,6 милиони денари или речиси 60.000 евра. Но, она што е уште позагрижувачко од висината на тендерите е плаќањето на одредени фактури во готово. Еве еден таков документ каде на ‘Сити логистик’ му било платена фактура во готово. Ова е незаконска постапка, спротивно на Законот за платен промет“, рече Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.
Томовски пак, на денешната прес-конференција не се осврна на обвинувањата од владејачката партија. Тој објави дека актуелните први луѓе на ЕСМ и МЕПСО, Васко Ковачевски и Орхан Муртезани за еден мандат ја чинат државата 80 илјади евра.
„Кој е придонесот на сите директори на енергетските претпријатија кои ја чинат државата стотици илјади евра, а Македонија дневно одлева по 750 илјади евра за купување на струја за регулираниот пазар?“, рече Ивица Томовски – член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Томовски додаде дека при смена на власта, ВМРО-ДПМНЕ ќе направи ревизија на платите, односно дека не смее да има преплатени работни места, туку мора да има резултати. Претходно од Владата известија дека се крои нов Закон за плата, со кој ќе се утврди горната граница на износот на државни примања. Имено, постојат јавни претпријатија што се во загуба, а членовите во управните и надзорните одбори земаат хонорар повисок од платата на претседателот на државата.
Лука Андреев