Поројните врнежи во Тетово предизвикаа бројни проблеми

Вака изгледаа некои населби во Тетово по интензивниот дожд од претходната ноќ. Најлоша беше состојбата во областа „172“, иако настрадаа и други делови од градот. Водата навлезе во куќите и подрумите. Жителите сами ги чистеле штетите, а иста ситуација се повторува со години.
„Овој проблем го имаме пет години по ред. Секогаш кога врне, го имаме овој проблем како што можете да видите, секогаш сме изложени на опасност од дождот. Гледате, во подрумите, влегува во куќите, изградивме и одбрана затоа што секогаш сме во опасност. Побаравме помош, но ни велат дека се работи за елементарна непогода…“
„Ни прави многу проблеми. Изградивме ѕид таму за да не навлегува водата, но повторно продолжи. Влезе во нашата куќа вечерва. Влегува и во продавниците. Побаравме помош. Велат – немаме што да правиме. Истото го побаравме и од претпријатието…“
„Ова секој пат нè чини по една или две илјади евра. Секој ден одам во општина кај инженерите, ама велат ќе направиме денес, ќе направиме утре. Сите сме изложени на ризик, не само во продавницата, туку и дома. Во последните пет години имаме проблем и со три шахти“, реагираат граѓаните.
Од Јавното комунално претпријатие велат дека даваат сè од себе да им помогнат на жителите, но капацитетот на механизацијата бил ограничен.
„Кога имаме многу обилни дождови, невозможно е да интервенираме во овие ситуации. Одиме и интервенираме, но нашите интервенции се базираат на тоа каде навистина можеме да направиме нешто“, рече Љуљзим Шаќири JКП „Тетово“.
Во општина Тетово ни изјавија дека не знаат точно колкава и каква штета е направена. Ќе се проценува по пријавите во следните два дена.
Башким Сулејмани