ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Онишченко сѐ уште има македонско државјанство

Сѐ уште е во тек процедурата за одземање на македонското државјанство на прорускиот бизнисмен Олександр Онишченко, откако по одржувањето на затворена владина седница минатата недела беше соопштено дека тој прикажал лажни документи и се покренува постапка за одземање на неговиот пасош. Премиерот Димитар Ковачевски денеска не одговори дали за случајот дополнително некој ќе одговара, освен веќе суспендираните лица од АНБ. Тој повтори дека не смее да се изнесуваат информации од затворената седница, каде реферираше првиот човек на АНБ, Виктор Димовски.

Но, од друга страна, Ковачевски го повика МВР што поскоро да истражи како се емитуваше отчетот на Димовски од собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ.

„Уште еднаш сакам, како и завчера што направив, да го повикам Министерството за внатрешни работи што побрзо да ја заврши истрагата во однос на тоа како се случи затворената седница на парламентарната комисија за надзор над безбедносните служби да биде пренесувана во живо и потоа тие да можат да продолжат и да ја завршат својата работа во Парламент“, вели Ковачевски.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Претходно собранискиот спикер Талат Џафери рече дека отчетот на Димовски за случајот со бизнисменот Онишченко, кој е на црната листа на САД, пред пратениците ќе продолжи откако МВР ќе утврди како седницата се пренесуваше на јутјуб. Во меѓувреме, нема одговор кој бил лажниот документ со кој Онишченко аплицирал за државјанството и добил четири позитивни мислења. Од она што е познато е дека во АНБ било прескокнато да се побара мислење од НАТО партнерите.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button