Опозицијата со критики: Пендаровски се стави во одбрана на власта

Власта го оцени како државнички, а опозицијата како блед говорот на претседателот Стево Пендаровски во Собранието. Според опозициските пратеници шефот на државата се однесувал како аналитичар и во обраќањето ги изоставил темите за инфлацијата, криминалот и корупцијата.
„Тој треба да биде претседател на сите и не треба да делува како полтрон во одбрана на власта која ја носи Македонија во бездна и владее со криминал и корупција. Она што му беше важно не е напредокот на Македонија, туку дали ќе биде поддржан во нареден мандат или не, од СДС“, рече Владо Мисајловски – ВМРО-ДПМНЕ.
„Правната држава е капитулирана, а ние немаме никаков конкретен став на претседателот на државата. Не може претседателот на државата само да констатира и само да изјави дека институциите треба да ја искоренат корупцијата. Тоа е неприфатливо“, вели Халил Снопче – Алијанса за Албанците.
Од друга страна, владејачките партии го поздравија фактот што Пендаровски повика на изгласување на уставните измени.
„Блокадите на опозицијата во Собранието, но и надвор од него конечно треба да запрат, тие се неодговорни и на штета на граѓаните и државата. Потребно е обединување на сите општествени и политички чинители околу европскиот пат на земјата и на оваа линија ги цениме и апелите на претседателот Пендаровски“, рече Даниела Колева – СДСМ.
„Треба да носиме државничка одлука преку инкорпорирање и на другите заедници, вклучувајќи ја тука и бугарската заедница во Уставот, така што ќе се направи јасна дистинкција, а тоа е бенефитот, дека ќе се направи јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарскиот народ“, рече Арбер Адеми – ДУИ.
Инаку, барем она во што се согласни партиите од албанскиот блок од власта и опозицијата е дека е неопходна поддршка за ветинг. Според Снопче, Пендаровски „дезертирал“ од темата, со изјавата дека правосудниот систем нема капацитети за ваков процес, додека Адеми рече дека ДУИ има подготвено предлог-закон за ветинг на функционерите, судиите, обвинителите и во полицијата и тој може да доведе до функционална демократија и повисока доверба во институциите.
Лука Андреев