ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Скопје поднесе тужба против „Усје“ за загадување на воздухот

Градот Скопје и официјално поднесе кривична пријава против цементарницата „Титан Усје“ врз основа на која бараат одговорност за загадувањето на воздухот предизвикано од испуштање на ПМ 10 честички над дозволеното. Повикуваат Јавното обвинителство темелно да ги истражи наодите и да постапи согласно тужбата. Како што велат од Градот, неприфатливо е скопјани да бидат жртви на профитот на некои кои со децении го трујат главниот град.

Advertisements

„Поднесената кривична пријава е согласно член 234 од Кривичниот законик – тешки кривични дела против животната средина и природата, поврзани со член 218 од истиот закон, кој е насловен Загадување на животната средина и природата. За овие дела се предвидува затворска казна“, велат од Град Скопје.

Од Град Скопје соопштуваат дека во тужбата, освен правното лице, одговорност ќе се бара и од генералниот директор на цементарницата Борис Хрисафор, бидејќи, како што се вели, не се придржувал до обврските од интегрираната дозвола А. Од цементарницата ги отфрлаат ваквите обвинувања и најавуваат покренување законска постапка против надлежните органи.

„Неосновано е врз основа на еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти… Мерењата направени на 3 и 4 јануари 2023 во кругот на Цементарница УСЈЕ, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот“, велат од Цементарница УСЈЕ.

Во меѓувреме, државниот инспекторат за животна средина информираше дека УСЈЕ ги исполнила обврските утврдени од Инспекторатот во однос на емисија на штетни гасови од двата грејни котли на цементарницата и почнала да користи гас, наместо мазут за греење. Но, ова не ја спасува од казна до 200.000 евра за периодот кога загадувала. На сите овие случувања им претходеше прес-конференцијата на градоначалничката на Скопје, која најави тужба поради резултатите од мерењето во фабриката, кои покажаа емисија на гасови три пати повеќе од дозволеното.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button