Апелација ја потврди доживотната казна затвор за Дерпланин
Апелација ја потврди доживотната казна затвор за Дерпланин

Телевизија Алсат неофицијално дознава дека Апелациониот суд му ја потврдил казната доживотен затвор на осудениот во случајот „Алфа“, Алмир Дерпланин, за кој судскиот процес се водеше одвоено од останатите осудени во овој случај. Извори од второстепениот суд велат дека советот предводен од Зоран Димитриевски оваа одлука ја донел пред неколку недели, но се уште не е објавена. Во времето кога судот ја разгледуваше претставката на одбраната на Дерпланин, Судскиот совет формираше тим за вонредно следење на случајот „Алфа“, каде беше констатирано дека има повреда на Законот за кривична постапка и доцнење и откажувања на неколку рочишта по барање на одбраната. Седниците не се одржуваа иако судијата имаше право да ги одржи, согласно законот и без присуство на странката.
Одлуката за доживотен затвор на Дерпланин, како што веќе најави Алсат, уште повеќе го отежнува повторното судење на Агим Ислами, осудениот во случајот „Алфа“, кој чека зелено светло за повторно судење врз основа на нови докази прибавени по легален пат. . Жалбата на Дерпланин до Врховниот суд, ќе го оневозможи и комплетирањето на досието што го бара првиот човек на Кривичниот суд, за да може потоа да започне процесот за повторно судење врз основа на вештачењето во кое е утврдено дека Агим Ислами и покојниот Реџаил Ќерими не се актери на убиството на полицаецот во 2008 година во Скопје.
Во меѓувреме, денеска се наврши една година од смртта на Реџаил Ќерими, кој беше осуден на доживотен затвор во случајот „Алфа“. Први кои се сетија на годишнината од смртта беа членовите на семејството и колегите затвореници. По неговата смрт, лидерите на политичките партии ветија дека ќе го расветлат случајот и ќе сведочат за неговата невиност, но до денес ништо не е преземено во оваа насока. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, го утеши семејството Ќерими со изразување на жалење, а првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши претходно изјави дека со неговото влегување во Владата ќе се овозможи меѓународна истрага за случајот „Алфа“ и други судски предмети.
За убиството на полицаец и за ранување на уште двајца на паркингот на Природно-математичкиот факултет во Скопје, Реџаил Ќерими и Агим Ислами се осудени на доживотен затвор. На Алмир Дерпланин му се судеше во отсуство, но потоа беше екстрадиран од Косово во Македонија.