Математичко-информатичката гимназија – нема наставници, нема настава

Учениците од средното математичко училиште во Скопје и втората недела од второто полугодие ја продолжуваат со губење часови по стручните предмети. Според раководството на училиштето, тоа се должи на истекување на договорите на наставниците кои биле склучени на 31 декември 2022 година. Нови сè уште не се одобрени. Министерот за образование Јетон Шаќири, вели дека секој изгубен час ќе се надомести кога наставниците ќе се вратат на училиште.
„Побарав одговорност од раководителите на секторот за средно образование зошто не реагирале навреме. Директорката на училиштето денеска беше повикана во министерството и достави извештај за ваквиот вид отсуство што се случило. Станува збор за едногодишни договори, какви што се продолжуваат во сите институции и се надевам дека наскоро, прашање е на денови кога ќе се реши ова прашање и ќе продолжи наставата. Сè што беше изгубено за овие предмети една недела, а можеби и два, четири или шест часа, дефинитивно ќе се надомести“, рече министерот Шаќири.
Покрај родителите, реагираше и Унијата на средношколци. Апелираат што поскоро да се реши проблемот бидејќи апсурдно е учениците од оваа гимназија да имаат по само еден до два часа дневно.
„Поради неможноста на Министерството за образование и Министерството за финансии да најдат заедничко решение, неприфатливо е учениците да немаат часови по 8 стручни предмети. Со жалење ја потврдуваме ваквата состојба во средното училиште кое беше замислено како елитна образовна институција за талентирани ученици по математика и компјутери“, вели Бленди Ходаи, Унија на средношколци.
Математичко-информатичката гимназија беше основана пред три години и работи во состав на средното училиште „Здравко Цветковски“.
Мелихате Рустеми