Курти постави услови за формирање на Заедницата на српски општини

Косовскиот премиер Албин Курти, спомена шест услови за да се прифати формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство, која не треба да има овластувања и која би требало да се спроведува по конечниот договор меѓу двете земји.
„Прво. Заедницата мора да биде во согласност со Уставот и законите кои важат во Република Косово. Второ. Заедницата не може да биде моноетничка. Мора да го смени името. Не може да носи никаква јавна или извршна власт и мора да служи само за хоризонталната соработка на општините според Уставот и законот за самоуправа. Глава 5. Правата на националните малцинства и соодветните механизми за заштита треба да го зајакнат принципот на реципроцитет меѓу двете соодветни држави. Четврто. Пред основање на Заедницата, илегалните структури на Србија во северниот дел, згаснуваат и се прави предавање на целото нелегално оружје. Петто. Заедницата е дел од конечниот договор и се спроведува по меѓусебното признавање. Шесто. Српскиот претседател треба да ги повлече писмата испратени до петте земји членки на ЕУ и до другите за неприфаќање на апликацијата на Косово за членство во ЕУ“, рече Курти.
На ова излагање на Курти реагираше првиот човек на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Љумир Абдиџику. Тој рече дека 2 февруари е датумот кога Курти ја прифатил Заедницата, но при тоа го обвини дека дијалогот со Србија го доведува во ќорсокак.
„Премиерот зборуваше три минути, но не ја негираше главната поента. Заедницата се формира. Се формира. Ова е суштината на неговата дискусија“, рече Абдиџику.
„Јасно ми е дека сакате да ви ја формирам Заедницата, но Заедницата не поминува. Го прифативте ова на 19 април 2013 година и на 25 август 2015 година. Тоа не се прави. Јас не го спроведувам“, возврати Курти.
Договорот за формирање на Заедницата беше постигнат во 2013 година. но, потоа Уставниот суд на Косово две години подоцна утврди дека општите принципи на Заедницата не се целосно во согласност со духот на Уставот.
Шкелзен Аќифи