ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Движењето против коцкање бара усвојување на Законот за игри на среќа

Движењето против коцкање се заканува со протести и други порадикални чекори доколку Собранието не го одобри предлог-законот за игрите на среќа кој, меѓу другото, предвидува обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од образовните објекти. Реакцијата на Движењето доаѓа еден ден откако Здружението на игри на среќа и обложувалниците, како и голем број нивни вработени излегоа пред Собранието да побараат повлекување на предлог-законот кој според нив ќе ја ликвидира легалната индустрија и ќе доведе до отворање на нелегални коцкарници и обложувалници.

Advertisements

„Се надеваме дека законот ќе биде донесен и покрај тоа што не ги задоволува барањата на Движењето против коцкање кои бара дислоцирање на сите објекти на 3 километри од населените места. Се надеваме дека првиот чекор ќе се реализира. Ако не, тогаш ќе протестираме, ќе реагираме сè до отстранување на сите објекти, нема да застанеме. Многу се манипулира со бројот на вработени. На почетокот се зборуваше за 6.000 – 7.000 вработени, сега се зборува за 10.000 или 54.000 вработени или оние кои ќе останат без работа. Ова е срам што ги надминува сите граници на манипулаторите и приредувачите на игрите на среќа“, рече Џемал Абдиу, Движење против коцкање.

„Ние од Движењето против коцкање, пријателите од здруженијата кои се занимаваат со организација на овие игри, ви кажуваме дека животот не е коцкање и околу парите не се врти светот. Свесни сме дека гледате само на вашиот дебел профит, ги злоупотребувате вашите вработени манипулирајќи со нивниот број. Бараме од амбасадорите на ЕУ да не ни ја убиваат причината за живеење затоа што и ние заслужуваме живот и ги прашуваме зошто да бидеме жртви на нивниот профит?“, рече Јуши Емерлаху, Движење против коцкање.

Предложените измени во Законот за игри на среќа, меѓу другото, предвидуваат и зголемување на давачките за доделување лиценци. Но, законските одредби ја немаат поддршката ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од Огнената група во ДУИ.

Вјолца Алити

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button