Адеми од ДУИ за случајот Алсат: Не ги следев случувањата, да се преземат мерки каде што институциите направиле пропуст

Прашан во „Патот кон“ каков е неговиот став и ставот на партијата што ја претставува, за обидот да се земе дел од имотот на телевизија Алсат, Арбр Адеми од ДУИ рече дека не ги следел последните случувања, изразувајќи очекување ситуацијата да се разјасни и секој да има своја одговорност.
Адеми, иако тврдеше дека не ги следел случувањата, призна и дека надлежните институции можеби направиле пропусти.
„Искрено не ги следев овие неодамнешни случувања, но секогаш сум на страната на медиумите, на страната на новинарите и политичкиот субјект што го застапувам, дури и во најтешките моменти за новинарите, бил и продолжува да биде на страната на медиумите. Посакувам во оние институции каде што имало пропусти и кои за жал направиле пропусти да се преземат неопходните мерки и оваа ситуација да се расчисти пред целата јавност каде секој ќе има своја одговорност“, рече Адеми.