ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Адвокат: „Списоците со ковид-позитивни од Охрид ‘протекуваат’ од болници или од полицијата“

И додека институциите молчат и сè уште не кажуваат кој и со каква цел ги објавува имињата на лица болни од Ковид-19 од Охрид и од каде протекуваат истите, низ социјалните мрежи почнаа да кружат списоци не само со имиња, туку и со нивни матични и телефонски броеви. Адвокатот Ардијан Демири вели дека институциите под итно треба да и стават крај ан појавата која внесува немир меѓу граѓаните. Ако се сака, вели тој, многу лесно може да се утврди трагата од каде доаѓаат овие списоци бидејќи првичен пристап до нив имаат само мал број институции.

„Толку се институциите кои располагаат со вакви ресурси односно со ваков тип на информации. Тоа се болниците, полицијата. Не е од јавен интерес објавата на таквите имиња и презимиња, а сега уште повеќе што таквите податоци се раширени и со матични броеви што е тотално недозволиво…“, вели Ардијан Демири-адвокат.

Од Основното јавно обвинителство не кажуваат до каде е истрагата.

„Основното јавно обвинителство Охрид презема дејствија за утврдување на фактите во предметот. Во овој момент не сме во можност да споделиме повеќе детали“, наведуваат од Обвинителството.

Од полицијата нагласуваат дека нивната работа завршила кога на обвинителството му ги доставиле сите добиени информации. Од Министерството за здравство пак, бараат поголема ажурност.

„Апелираме за што побрза реакција од страна на истражните органи, како и Агенцијата за заштита на лични податоци“, велат од Министерство за здравство.

Инаку, ваквата злоупотреба на личните податоци не само што е казниво со кривичниот законик, туку нивната заштита е предвидена и со членот 18 од Уставот каде се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци на граѓаните.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button