ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ахмети утре ќе објавел „голема вест“

Владејачката ДУИ најави дека утре нивниот лидер Али Ахмети ќе објавел, како што наведоа од партијата, „голема вест“. Од Мала Речица не откриваат повеќе детали за содржината што партискиот претседател ќе ја сподели со јавноста, иако неофицијално се очекува да биде соопштен планот за настапот на претстојните претседателски избори.

Во меѓувреме, останува неизвесно и дали ДУИ и СДСМ ќе настапат со заеднички листи на парламентарните избори. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, прашан да го коментира ставот на интегративците дека се повеќе расположени да настапат сами, кусо одговори: „не знам што прават во ДУИ, тоа е нивна работа“.

„Во моментов се работи на определување на кандидати и на листи со коалиционите партнери со коишто традиционално одиме на избори“, рече Ковачевски.

Сепак, Ковачевски не ја затвори опцијата за заеднички настап со ДУИ, бидејќи, како што рече, не е исклучено листите што ги составува СДСМ да бидат проширени и со други партии со кои се разговара.

„Се работи за партии коишто се во владината коалиција со СДСМ, а коишто не биле на заедничките листи на последните избори во 2020 година“, додава Ковачевски.

Од друга страна, наскоро се очекува да бидат соопштени имињата на потенцијалните кандидати за претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие сè уште не откриваат кој е во игра, а нивниот предлог ќе биде официјализиран на партиска Конвенција на почетокот на март.

„Да почекаме да заврши денот, зашто сè уште не е завршен рокот, па после тоа ќе можеме да дадеме одговор“, рече Александар Николоски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Албанската здружена опозиција веќе се одлучи за гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, кој треба да го започне процесот на собирање потписи. Левица пак, ја кандидира професорката Билјана Ванковска. Крајниот рок за официјализирање на претседателските кандидатури е 20 март.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button