ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ако има проширена влада без ДУИ, ќе нема прв премиер Албанец

ВМРО-ДПМНЕ очекува одговор од СДСМ за понудите кои беа ставени на маса вчера на лидерската средба за уставните измени. Лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски, кој се сретна со премиерот Димитар Ковачевски, рече дека ако се прифати опцијата за проширена влада без ДУИ, тогаш не треба да се очекува да има прв премиер Албанец, по теркот кој го договорија СДСМ-ДУИ.

Алсат праша во ДУИ што ќе се случи со ветувањето за прв премиер Албанец со 100 дена мандат, ако се прифати опцијата за проширена влада и ако партијата на Ахмети оди во опозиција, како што бара Мицкоски? Оттаму не добивме никаков одговор. Од ДУИ пак, вчера одговарајќи на Мицкоски, рекоа дека се подготвени да одат во опозиција ако Мицкоски се согласи да гласа за уставните измени.

Од СДСМ пак, коментираат дека би сакале целиот процес да биде инклузивен. Тие се подготвени да ги продолжат разговорите со ВМРО.

На лидерската средба беа дадени неколку идеи, меѓу кои и онаа за проширена Влада за промена на уставот и веднаш потоа да се оди на предвремени избори. Мицкоски пак, инсистира на неговата идеја, велејќи дека средбата конечно го исфрлила на површина фактот дека власта нема 80 пратеници за сама да ги спроведе уставните измени.

Лидерите не си дадоа време колку долго партиите ќе размислуваат за следниот чекор. Сепак, се очекува во следните десет дена да почне процедурата за уставни измени во Собранието.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button