Пуштена во употреба авио-базата на НАТО во Албанија

Во Кучово, Албанија, денеска беше отворена воздухопловната база на НАТО. Албанскиот премиер Еди Рама нагласи дека таа е тактичка база на НАТО со важност која ги надминува границите на Албанија. Според Рама, регионот не е безбеден поради, како што рече, заканите и неоимперијалистичките амбиции на Русија.
„Базата која е уште еден елемент за безбедност на нашиот регион на Западен Балкан, за кој знаеме дека е доста загрозен од Руската Федерација. Реактивирањето на овој аеродром е продолжение на растот на нашата воздушна флота. Двата нови хеликоптера Блек Хок и беспилотните летала Бајрактар се дел од растот што ќе продолжи“, рече Рама.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај рече дека базата докажува оти НАТО е решен да ја штити слободата и безбедноста на своите сојузници, а зборуваше и за терористичкиот напад во Бањска.
„Политичко-воените конфронтации ризикуваат да ескалираат и да се прошират. Тоа најдобро се виде во септември минатата година при терористичкиот напад во Бањска, Косово. Тој напад покажа колку е кревка безбедноста во нашиот регион и докажа оти сè уште има локални актери кои се обидуваат да ја проектираат иднината преку минато кое не треба да се врати“, изјави Бајрам Бегај, претседател на Албанија.
На свеченото отворање на авио-базата Кучово, на околу 70 километри јужно од Тирана, присуствуваа претставници на Алијансата, министрите за одбрана на Италија, С. Македонија, Косово и Црна Гора, потоа претставници на американската амбасада во Тирана и на албанските институции. Работите за реконструкција на базата почнаа во 2022 година, НАТО во неа инвестираше околу 50 милиони евра, а нешто над 5 милиони евра самата Албанија. Станува збор за стара некогашна база изградена во 1950 година, но која после падот на комунизмот беше затворена.
Инаку, освен оваа авио-база Албанија планира да отвори и поморска база за потребите на НАТО. Станува збор за проект во Порто Романо, недалеку од Драч.
Шкелзен Аќифи