Албанија се затвори, задолжителен карантин за влез од Македонија

„Тивко и без гужви денес е на граничниот премин Ќафасан по вчерашната одлука на соседна Албанија, да воведе двонеделен карантин за сите оние граѓани од Северна Македонија коишто ќе влезат на албанска територија. Рампите на границата од албанска страна ќе останат затворени до трети мај. Денеска и во наредните денови додека трае мерката, ќе се пропуштаат само товарните возила.“
Додека бевме на Ќафасан, албанските полицајци и царинарници, исполнувајќи ја одлуката на официјална Тирана за заштита од корона вирусот, вратија неколкумина иселеници од Македонија кои само требаше да транзитираат низ Албанија.
„Во Македонија бев и сега сакам да одам за Хрватска. Што ви рекоа, дека не може да поминете? Да, бидејќи забрана има и не може да влегуваме во Албанија. Има 14 дена карантин. Ќе се враќаме назад во Македонија во Гостивар“, изјави Иселеник во Хрватска.
Вратени беа дури и граѓани од Прешевската долина.
„Од Прешево дојдов во Македонија преку Табановце и транзит сакав преку Македонија да одам до Албанија. Сега морам да се враќам назад. Изгубив доста време по патиштата“, рече Жител на Прешево.
Имаше и лица со пасоши од држави-членки на Европската унија кои не можеа да влезат.
„Тргнав за Албанија и ми рекоа дека од денеска бил воведен карантин две недели. Нема да седам таму две недели. Тргнав со македонски пасош, но ме вратија. Им реков дека имам и европски пасош, ми рекоа – со него можеш. Отидов, ама и со него повторно ме вратија.“
Дека има многу нејаснотии околу критериумите кој може, а кој не може да влезе во Албанија, ни потврдуваат и нашите погранични власти.
„Сè уште немаме најава од албанските полициски органи како ќе биде регулирано со странските државјани кои ќе сакаат да транзитираат низ Албанија, како и оние странски државјани кои би транзитирале до аеродромот во ТиранаЌ, изјави Златко Крушароски-командир на полициска станица Ќафасан.
Најголемиот дел од оние кои денеска поминаа низ Ќафасан беа возачи на
камиони бидејќи товарниот сообраќај се одвива без прекин. Оние пак, кои сепак ќе решат да заминат за Албанија, треба да знаат дека ќе мора да останат во задолжителен двонеделен карантин на свој трошок во хотел кој ќе биде одреден од страна на албанската држава.
Мики Трајковски