ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Албанската опозиција соопшти дали постои потпишан документ за уставни измени

Постои или не пишан документ со кој албанските партии во земјава се обврзале да го условуваат составот на Влада со уставните измени? Според ДУИ, таков договор бил потпишан пред неколку месеци од страна на повеќе партии – дел од нив од владината коалиција, други од опозицијата.

„Повеќето политички партии, коишто се сега во различни блокови имаат потпишано документ, во којшто се обврзуваат дека нема да бидат дел од Влада без јасен договор за уставните измени. Прво ќе има договор, односно уставни измени, а потоа ќе има Влада“, рече Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.

Од албанската опозиција велат дека таков пишан документ не постои. Опозицискиот фронт останува на ставот дека би влегле во владина коалиција со партии што ги поддржуваат уставните измени. Но, оттаму не истакнаа дека го условуваат самото составување на Владата со промената на Уставот, со што евентуално ја оставија отворена можноста тоа да се случи по формирањето на Влада.

„Вреди“ нема никаков договор со ДУИ и Али Ахмети и нема постигнато никаков договор до сега. Ние сериозно се залагаме за усвојување на уставните измени. Ние ова го ветивме многу пати пред граѓаните. Ќе делуваме различно од ДУИ, која толку години на власт не направи ништо за да поминат овие измени. Османи со неговите изјави како да прифатил дека нема веќе да биде власт, па се обидува и другите Албанци да ги направи дел од неговата група, како ДУИ“, рече Орхан Муртезани, коалиција „Вреди“.

Претходно, во телевизиско гостување, Арбен Таравари од Коалицијата „Вреди“ рече дека услов за нивно учество во владина коалиција, би бил усвојување на уставните измени во првите шест месеци од мандатот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button