ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Али Ахмети ќе го пушти Бујар Османи да трча за претседател

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не ја соопшти големата вест што ја најавуваа функционерите, структурите и милитантите на партијата. Наместо тоа, Ахмети се очекува неделава да излезе со соопштение дека најверојатно ќе го номинира шефот на дипломатијата Бујар Османи за кандидат за претседател. Тоа ќе треба да помине и низ партиските органи.

И покрај тоа што се пропагираше кандидатурата на Ахмети за претседател, високи функционери од ДУИ изјавија дека Ахмети нема да прифати таква задача затоа што неговата мисија била ЕУ, а не трчање по политички функции.

Во моментов Бујар Османи останува како единствен можен претседателски кандидат од редовите на ДУИ. Негови противкандидати досега се Арбен Таравари од редовите на албанската опозиција и професорката Билјана Ванковска која ја има поддршката од Левица.

Со евентуалната кандидатура на Османи, консензуалниот кандидат поддржан од ДУИ и СДСМ ќе замине во минатото барем за првиот круг од претседателските избори.

Во меѓувреме, ДУИ работи на создавањето на т.н. албански европски фронт. Ахмети неодамна оствари средби со лидерот на Движењето Народ, Скендер Реџепи, со претседателот на Европската демократска партија, Аријанит Хоџа и со претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

Сè уште не е конкретизиран евентуален договор со крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците кој на последниот конгрес што самиот го свика, ја доби довербата од делегатите да биде претседател на партијата и покрај тоа што законскиот лидер е Арбен Таравари.

За првпат во политичкиот плурализам во државава албанскиот политички блок, поради големиот број политички партии на сцената, успеа да се подели на опозициски блокови. Досега двата блока во ниту една изборна трка не беа заедно зад одреден кандидат или платформа, освен во одредени локални избори.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button