Алијанса останува на барањето за промена на 20% во Уставот

И денеска реагираa политичките партии во земјава за уставните измени и за замена на називот 20% со „албански јазик“. Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари рече дека ќе одат до крај со барањето кое, според него, Алијанса го бара во последните 4 години. Таравари вели дека Албанците отсекогаш ги почитувале сограѓаните Македонци, па сега е време и тие да ја покажат истата почит.
„Ние бевме покрај нив и постојано ги поддржувавме и мислам дека е моментот да покажат дека имаат основна почит кон Албанците кои живеат во Македонија. Мислам дека употребата на 20% е навредлива за Албанците. Верувам дека оваа работа ќе ја тераме до крај и упорно ќе инсистираме да се отстрани формулацијата 20 отсто и албанскиот јазик да остане како што треба“, рече Таравари.
Но, за министерот Бујар Османи отстранувањето на 20 отсто не е услов за да се гласаат другите измени. Според него, вакво нешто би било добро да се направи, но само доколку се постигне консензус. Во интервју за емисијата 360 степени на Алсат, тој рече дека во моментов во албанската заедница има два концепта, тој на ДУИ за изградба на заедничка, стабилна, безбедна држава и концептот на оние кои се уште се гледаат како претставници на помала заедница и бараат одредени права и кои, според Османи, останале во филмот на 90-тите.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика Ковачевски да ги предложи уставните амандмани. Според него, власта веќе една година вели дека има 2/3 од гласовите, но тоа не го докажува во Собранието.
Замената на 20% во Уставот со албански јазик за некои од албанските политички партии е услов за гласање на уставните измени.
Еви Шкопи