ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Спорниот конкурс за ректор на ДУТ не е стопиран, МОН чека одговор од Универзитетот

Државниот просветен инспекторат за АЛСАТ потврдува дека го процесирал записникот со можни неправилности на конкурсот за избор на нов ректор на Универзитетот во Тетово и го доставил до Министерството за образование за понатамошни мерки. Прашани денеска за дополнителни детали, од Инспекторатот не дадоа дополнително појаснување туку само го споделија ова:

„Државниот просветен инспекторат на 22 мај, во врска со сомневањата за неправилности при изборот на ректор на УТ, изврши вонреден инспекциски надзор. За констатираните неправилности од вонредниот инспекциски надзор, согласно нашите законски овластувања, известена е надлежната институција за понатамошна постапка“, рекоа од Државниот просветен инспекторат.

Според Инспекторатот, за дејствијата е известен и самиот министер за образование согласно членовите 202 и 203 од Законот за високо образование. И додека инспекторатот во оваа размена на дописи признава дека има констатирани неправилности, од Министерството за образование до АЛСАТ додаваат дека се информирани за изготвување и доставување на таквите записници.

„Ја чекаме и реакцијата на универзитетот а Министерството за образование будно ќе ги следи сите процедури“, се вели во реакцијата на Министерството за образование.

Додека конкурсот за избор на ректор се затвора во понеделник на 29 мај, од Универзитетот нагласуваат дека постапката е во согласност со Законот за високо образование, Статутот и другите акти на универзитетот.

„Во однос на наводите во врска со постапката за избор на ректор на УТ, уште еднаш нагласуваме дека постапката е поведена и се одвива согласно законот за високо образование, статутот на Универзитетот во Тетово и другите општи акти на универзитетот, врз основа на автономијата на универзитетот, загарантирана со Устав, закон и статут, во конкретниот случај во делот на раководството, односно изборот на органите на универзитетот“, велат од тетовскиот универзитет.

Но, како што пред неколку дена откри АЛСАТ и покрај повикот дека Сенатот има посебна автономија, не само што е прекршен законот, туку и статутот на Универзитетот, во двата клучни критериуми, кога кандидатот мора да има 15 години работен стаж како и вториот дека кандидатот не требал да има претходно дадено оставка. Ниту во законот за високо образование ниту во статутот на УТ нема член кој дозволува утврдување на дополнителни критериуми, дури и според статутот, ректорот се избира според критериумите дефинирани со законот за високо образование, кој има само два критериуми, кандидатот да е од редот на редовните професори и државјанин на Северна Македонија. АЛСАТ известуваше дека ваквата формулација ги диксриминира другите професори кои можат да стигнат до титула многу порано од 15-годишното искуство што го постави Сенатот на УТ.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button