МАКЕДОНИЈА

Алијанса за Албанците влегува во Владата, собраниска седница за реконструкција можна и в понеделник

Алијанса за Албанците ќе биде дел од Владата, одлучи највисокото тело на партијата, а за нејзиниот влез во владината коалиција зелено светло даде и Централниот одбор на СДСМ. Седницата за реконструкција на Владата можно е да биде закажана веќе в понеделник, вели  претседателот на Собранието Талат Џафери, ако во текот на денот премиерот Димитар Ковачевски го достави предлогот до пратениците за составот на новиот владин кабинет.

Синоќа, по седницата на највисокото партиско тело на Алијансата за Албанците претседателот на партијата Арбен Таравари потврди дека влегуваат во Владата и ги објави функциите кои би требало да им припаднат.

Централното претседателство на Алијанса за Албанците на вечерашната седница со мнозинство прифатиле да влезат во Владата. Министерство за здравство, Министерство за правда, Министерство за информатичко општество или заменик премиер за економски прашања, се договорени како ресори, што ќе ѝ припаднат на Алијансата за Албанците.

Било договорено, како што рече Таравари, АА да добие и две заменички министерски места, за одбрана и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претходно извори во АА информираа дека треба да добијат и двајца државни секретари, од кои едниот е во МТСП, а вториот ќе биде дополнително утврден. Меѓу директорските места што би ги добила Алијансата за Албанците се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменик-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ.

Таравари за денеска најави средба со премиерот Димитар Ковачевски на која, како што рече, ќе ги објави имињата на идните министри и заменици-министри од редовите на оваа партија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button