Алијанса: Заканите од албанската опозиција – страв од учество на изборите

Алијансата за Албанците оценува дека заканите на Европскиот сојуз за промени дека доколку не се изгласа нивниот кандидат за ДИК, ќе го бојкотираат собранието се алиби да не бидат дел од изборниот процес. Азир Алиу од АА додава дека неговата партија ќе постапува според деловникот, процедурите и законите.
„Се плашам дека со овие процеси, тие не сакаат да бидат дел од изборите. Не сакам да верувам во ова, но во секој случај има процедури во Собрание, деловник, закони и процедури кои ги следиме и според овие деловници и процедури ќе постапиме“, вели Алиу.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека е бесмислено да се проблематизира ова прашање кога е јасно дека кандидатот мора да биде од опозицијата.
Ден претходно, Европскиот сојуз за промени се закани со радикални мерки, во случај да не се изгласа нивниот предлог кандидат за член на ДИК. Од ЕСП меѓу другото се заканија дека на денот на изборите нема да дозволат отворање на гласачките кутии во општините со кои тие раководат.
„Ќе ги разгледаме сите други форми, тоа што го изјавивме бојкот на Собранието, протести, блокада на Собранието, до последното што го анализиравме и го разгледуваме како можност во општините предводени од страна на опозицијата на Албанците, во овој случај станува збор за Тетово, Желино и Чаир, да не дозволиме да се отворат гласачките кутии на денот на изборите. Ако Владата мисли дека ќе ја искористи оваа ситуација за да ја спречи опозицијата да има свој член, треба да земе предвид дека ние не сме опозиција со недоволен капацитет за да го заштитиме нашето право“, рече Билал Касми, ЕСП.
Засега не се знае кога во Собранието ќе бидат ставени на гласање имињата на двајцата кандидати кои за да бидат избрани треба да добијат поддршка од две третини: Абдуш Демири, предложен од Движењето Беса и Алтернатива и Зулфи Адили, предложен од Европската демократска партија.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски веќе изјави дека доколку Европскиот сојуз за промени не добие место во ДИК, ќе ја разгледа можноста да ги повлече своите членови бидејќи се сомнева во нелегитимен изборен процес.
Мелихате Рустеми