Амбасадата на САД без коментар за можната корупција при градењето автопати без тендер

Американската амбасада ја поддржува Антикорупциската комисија, но не ги коментира нејзините наводи дека специјалниот закон за изградба на автопати без тендер претставува сериозен фактор ризик за корупција. Законот за кој Антикорупциска алармира, експресно го помина собранискиот филтер и доби зелено светло од шефот на државата. Тој е резултат на претходно потпишаниот Меморандум за соработка на Владата со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ каде дојдоа и претставници на амбасадата.
„Ова е внатрешно прашање што треба да го разгледа Владата на Северна Македонија. Ние силно ја поддржуваме работата на Антикорупциската комисија и нејзината важна надзорна улога“, наведуваат од амбасадата на САД во Скопје.
Антикорупциската проверка на законот покажала дека со специјалниот закон се повредени уставните начела за еднаквост и слобода на пазарот. Антикорупционерите посочија дека се прави правен преседан бидејќи за „Бехтел-Енка“ нема да важи домашното законодавство. Предупредија на можно политичко влијание поради правните празнини, но и оти самата скратена постапка е фактор ризик од корупција.
„Требаше и Собранието како законодавен орган да го штити Уставот и да се придржува на принципите на владеење на правото. Во конкретниот случај мислам дека овој принцип самото Собрание го има нарушено, имајќи во предвид дека се работи за донесување на закон во кој не се почитувани основните елементи, а тоа да има прецизност, јасност за што се работи. Сите овие аргументи кои се слушнаа од Антикорупциската комисија лично мислам дека се во ред, дека држат и дека не требаше така да се постапи“, рече Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.
Антикорупциска најавува дека законот ќе го оспори пред Уставниот суд уште во понеделник. Специјалниот закон се однесува на изградба на автопатски делници Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп – Битола. Инаку, владата на Груевски со ист ваков закон без тендер бизнисот за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ѝ го даде на кинеската компанија Синохидро и за тоа сега се води судски процес во случајот „Траекторија“.
Алсат