ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Амбасадорот на Македонија во Киев зборува за Алсат: „Ситуацијата е мирна, но напната“

Македонскиот државен врв застана зад Украина и го осуди руското признавање на регионите Доњецк и Луганск како независни народни републики. Претседателот на државата Стево Пендаровски повтори дека го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

„Поредокот базиран на меѓународното право е основа во меѓународните односи, чии принципи мора да се почитуваат. Грубото кршење на меѓународното право е закана за цивилизацијата“, порача претседателот Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски исто така го осуди указот на рускиот претседател Владимир Путин.

„Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015. Заедно со НАТО сојузниците повикуваме на решавање на конфликтот по дипломатски пат“, рече Ковачевски.

Македонскиот амбасадор во Украина, Крум Ефремов за Алсат денеска изјави дека нашето дипломатско претставништво во Киев ќе продолжи да функционира.

„Сите дипломати и сите разумни луѓе барат деескалација на проблемите. Инаку ситуацијата во Киев и другите големи градови во Украина е мирна и нема некакви поголеми проблеми, сепак е малку напната после овие случувања, меѓутоа очекувам и се надевам дека ќе се најде деескалација со дипломатско решение“, изјави амбасадорот Ефремов.

Инаку, стотина наши државјани во Украина досега се пријавиле во амбасадата. Но, земјата досега ја напуштиле само 13 лица.

„Апелираме и бараме од нашите граѓани да ни се евидентираат и по можност да ја напуштат Украина во период кога сè уште постојат комерцијални летови и на некој начин функционираат меѓународните коридори за транспорт“, додава Ефремов.

Во меѓувреме, во рамки на Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина како набљудувачи се ангажирани 30 македонски државјани. Од Мисијата за Алсат известија дека земјите-учеснички можат сами да донесат одлуки за преместување на нивните набљудувачи во или надвор од земјата.

„Специјалната набљудувачка мисија продолжува да го исполнува својот мандат, вклучително и во областите кои не се контролирани од Владата“, наведоа од Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина.

Дали набљудувачите ќе останат да бидат дел од Мисијата е прашање кое се разгледува на владина седница во Скопје.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button