Ангелов: Државата е подготвена за претстојни врнежи од снег, надлежните нема да бидат изненадени
Државата е подготвена за претстојната зимска сезона и врнежите од снег, а граѓаните да користат зимска опрема на своите возила и доколку немаат неопходна потреба да не патуваат при најави за обилни врнежи, истакна директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на прес-конференција по состанокот со претставници на координативното тело.
Тој упати апел до граѓаните да ги раздвојат фактите од вообичаените мислења на социјалните мрежи секоја година, дека снегот повторно ги изненадил надлежните институции. Капацитетите за чистење снег, нагласи, воопшто не се за потценување и не се послаби во однос на регионот.
– Оваа година надлежните институции нема да бидат изненадени, бидејќи од она што можевме да го слушнеме од оваа средба капацитетоте на јавните претпријатија за државни патишта и за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта се целосно подготвени. Бројот на камиони е доволен за територијата на државата, како и должината на патишта што ги имаме. Истовремено разговаравме во случај на потреба од стопирање на сообраќајот на некои критични точки, особено пред превоите во случај на снег, МВР да испрати засилени екипи, рече Ангелов.
Граѓаните, нагласи, да користат зимска опрема, зимски гуми и да имаат ланци.
– Но, најдобрата препорака е доколку немаат неопходна потреба, а при тоа редовно да ги следат прогнозите на УХМР, кои се исклучително прецизни да не излегуваат непотебно на патишта каде што има превои, односно места низ кои минуваат патишта од над 1.000 метри надморска височина, истакна Ангелов.