Антикорупциска ќе бара Уставниот суд да го преиспита балансерот при вработување

Треба да се провери дали балансерот, како алатка при вработувањата треба да се укине или да се најде можност да се спречи злоупотребата, затоа што етничката припадност е основен податок при вработување. Дали балансерот ја исполнува целта и дали по негова примена по 20 години веќе е надминат и треба да се укине. Токму затоа, како што соопштуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата, ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд да ги преиспита законите во кои е содржана алатката балансер.
Во однос на балансерот, според ДКСК, иако имало позитивен резултат во етнички вработувања, во изминатите години станал евидентен порастот на бројот на вработени без реални потреби и без просторни услови во институциите, а практиката покажала дека кандидатите за да се вработат ја наведуваат етничката припадност што се бара во конкурсот.
„Ваквата примена на оваа алатка, каде што етничката припадност е основен податок за распределба на работно место, се коси со мерит-системот, ја нема вредноста за која била наменета и се злоупотребува доведувајќи до ризици од трговија со влијанија, коруптивно однесување и создавање политички клиенти на партиите“, велат од ДКСК.