Апасиев и Крмов му поднесоа кривична на Џафери

Пратениците од редовите на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денеска му поднесоа кривична пријава на спикерот Талат Џафери за злоупотреба на службената положба и овластување.
„Пратениците на Левица – проф. д-р Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, заради основано сомневање дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување – казниво по чл. 353 од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години. Пријавениот се терети дека со отфрлањето на над 2 400 амандмани поднесени при второто читање на новиот собраниски Деловник го сторил делото кое му се става на товар – свесно оневозможувајќи го пратеничкото право на писмено поднесување и усно образлагање на поднесените амандмани на пленарна седница на Собранието“, информираат од партијата.
Од Левица посочуваат дека нема ова нема да биде последната кривична пријава за претседателот на парламентот и оти нивното процесуирање ќе биде услов за учество на партијата во било која идна влада.
„Ја известуваме македонската јавност дека до завршувањето на мандатот на овој најконтроверзен претседател на Собранието на независна Македонија, правниот тим на Левица ќе поднесе уште најмалку три кривични пријави за различни кривични дела против службената положба и овластување, а нивното процесуирање ќе биде услов на партијата за учество во било која идна Влада на Република Македонија“, соопштија од Левица.