Апостолски: Вината за 27 април е во МВР со кое раководеше СДСМ-ДУИ

Целосна амнестија за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“. Кривичниот суд пресече – обвинетите Миле Јанакиески, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски се ослободуваат од секаква вина и за нив ќе се примени законот за амнестија од 2018 година. Оваа одлука ја донесе судијата Илија Трпков, откако на последното рочиште и обвинителството излезе со мислење дека треба да бидат амнестирани. По оваа одлука на Трпков, адвокатите на одбраната изјавија дека сметаат оти вистинските организатори треба да се бараат во тогашното Министерство за внатрешни работи, како и дека постапката за овој случај не смеела да трае толку долго.
„Според нас и според изведените докази, може да се утврди само дека во тоа време Министерството за внатрешни работи не си ја извршуваше својата задача, а тогаш тоа Министерство беше под влијание и под контрола на коалицијата СДСМ-ДУИ“, рече адвокат Јордан Апостолски.
„Овој предмет во однос на делот од лицата кои ги застапував и чиј сум бранител не можеше и не смееше ниту да биде поведена постапка, ниту да биде одобрен обвинителниот акт ниту да стапи на сила и да трае сите овие години“, изјави адвокат Еленко Миланов.
Ова инаку беше вторпат како овој случај се води во Кривичниот суд откако во 2021 година првостепениот ги осуди четворицата обвинети на затворски казни од 6 до 6ипол години. Сепак, Апелација во април 2023 година ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење. Потоа Кривичен донесе одлука дека амнестијата нема да важи за овие обвинети, но Апелација ја укина и оваа одлука.
Михајло Донев