Арачиново бара соработка со Скопје за депониите, Арсовска првпат слуша

Арачиново бара поблиска соработка со Град Скопје, поточно Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да стопанисува и со отпадот во оваа општина. Целта е тој да се носи во Дрисла, а воедно и да се реши проблемот со дивите депонии. Првиот човек на Арачиново, Ридван Ибраими вели дека чадот од запалениот смет не ги труе само жителите на Арачиново, туку и околните општини.
„Барам и официјално побарав и инсистирав на неколку средби со Град Скопје, ова да го преземе Комунална хигиена во Град Скопје и отпадот да заврши во Дрисла, каде што завршува целиот отпад од градот Скопје. Ние како Аарачиново сме исклучок. Барам што поскоро да имаме можност за таква соработка, во интерес на Скопје, во интерес на главниот град, кога депонијата гори, чадот и смрдеата не остануваат само во Арачинаово, завршуваат и во други општини“, рече Ридван Ибраими, градоначалник на општина Арачиново.
Покрај прашањето за депонијата, Ибраими вели дека инсистира на соработка и со „Водовод и канализација“. Но, градоначалничката на Град Скопје не ги коментираше барањата. Арсовска рече дека нема информации за ова прашање.
Чистењето на депонијата во Арачиново со години е дел од сите предизборни програми на партиите, додека чистењето на сите депонии во Скопје и неговата околина беше ветување и на Арсовска. Таа дури вети дека проблемот ќе го реши за 82 дена од почетокот на нејзиниот мандат.
Ајнур Бафќари