ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Арачиново без струја, ЕВН не поправа зашто му ги напаѓаат екипите

Жителите на општина Арачиново се жалат дека со денови немаат струја. Во канцелариите на ЕВН во Бутел побараа објаснување. Одговорот што го добија е дека се работи за дефект кој нема наскоро да се санира.

„Состојбата во општина Арачиново се влошува. Луѓето трпат штети. Главниот проблем е што Арачиново нема водоснабдување и сите се снабдуваат само од бунари, а бунарите работат само на струја, па кога немаме струја, цело Арачиново нема ни вода. Она што ни го кажаа сега е познато. Тоа е дека ќе нема струја одреден период додека центарот не им даде дозвола да дојдат и да го решат проблемот“, рече Шефик Дураку, жител на Арачиново.

„Имаме многу штети. Фрижидерите ни се расипаа, а имаме и болни луѓе. Утре ќе им дојдеме тука. Немаме друго решение. Еве, ги имам сите платено сметки“, вели еден жител на Арачиново.

Често пати во Арачиново има повремени прекини на електричната енергија. Од ЕВН велат дека последниот дефект се појавил во понеделникот наутро и е последица на континуираното незаконско користење на струја од страна на жителите.

„Во Арачиново нашите тимови често се соочуваат со вербални и физички напади од жителите, што го оневозможува извршувањето на работата во целина. Сè додека нема нормални услови за работа и има пречки во извршувањето на работата, нема да има можност за санирање на дефектот“, наведоа од ЕВН.

Пред неколку дена првиот човек на општина Арачиново, Ридван Ибраими, на Фејсбук напиша дека ЕВН има механизми да ги принуди граѓаните да ги плаќаат сметките, па смета дека проблемот има друга позадина.

„Иако ова прашање не спаѓа во надлежност на општина Арачиново, подготвени сме заедно со месните заедници од населените места на општина Арачиново, со претставници на ЕВН и полицијата, да одиме на терен и еднаш засекогаш да го решиме овој проблем со електричната струја“, рече Ридван Ибраими- градоначалник на Арачиново.

На прашањето дали ЕВН има план да го реши проблемот со крадењето струја за да не ги казнува редовните плаќачи на сметките, од компанијата ни одговорија дека успешно реализирале проекти за намалување на загубите во некои населени места каде што имало услови за тоа како Липково, Велешта, Чегране, Градец, Желино и Селце.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button