Армиските „Волци“ одбележаа 30 години постоење

Баталјонот на специјални сили при Армијата чие мото е „Секогаш и секаде први“ денеска во касарната „Илинден“ одбележа 30-години од формирањето. Баталјонот го прославува 1 март, како датум во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, препознатлива како „Волци“, која воедно е и првата професионална единица.
Првиот командант на Баталјонот, пензионираниот генерал потполковник Мирослав Стојановски, на кого му беше врачена плакета за неговиот придонес во формирањето на Баталјонот, ги повика припадниците на оваа единица да ги чуваат и негуваат армиските вредости – лојалноста, почитта, несебичното служење, честа, интегритетот и храброста.
Стојановски потсети дека идејата за формирање на оваа единица на Армијата потекнува од октомври 1993 година кога на неформална средба на тогашниот воен врв, раководството на воената безбедносна служба првпат сериозно разговарала за претходно подготвен предлог којшто се однесувал на потребата да се формира професионална единица за специјални намени.