ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Авионите за гаснење на пожари се сервисирани, сега се бараат пилоти

Земјата се соочува со суво лето со високи температури и тоа значи поголем ризик од пожари. Институциите апелираат граѓаните повеќе да бидат свесни за штетите предизвикани од пожарите и да покажат максимална грижа кога се во природа. Но, колку се подготвени самите институции да ги спречат бесните пожари? Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути рече дека последниот сервисиран авион се вратил во земјава пред една недела и дека сега се достапни сите три авиони. Сепак, на авионите им требаат пилоти. Овој предизвик се уште не е надминат.

„Третиот авион се врати минатата недела и е подготвен. Предизвик за институциите но и за Владата останува проблемот со недостигот на пилоти за авионите, бидејќи на секој авион му требаат најмалку 3 пилоти. Ќе се обратиме до Министерството за финансии и до Владата да одобрат дополнителни средства за луѓе. За летање со овој тип на авиони потребна е дополнителна обука која е многу скапа и многу ригорозна и која многу често завршува со неуспех. Многу е тешко да се најде персонал за ваков тип на работа“, рече Максути.

Сервисираните авиони се на отворено небо, бидејќи за нив нема хангар.

„Правиме напори после 20 години да го надминеме проблемот со немањето хангар, бидејќи во моментов авионите се оставени на отворено небо“, додава Максути.

Дирекцијата за заштита и спасување денеска прифати донација од 20.000 евра од романската амбасада, опрема која се очекува да ја олесни работата на тимовите на терен. Во првите шест месеци од 2022 година, во земјава се регистрирани 69 шумски пожари, при што изгорена е површина од стотина хектари, додека масата на изгорените дрва изнесува 4.621 кубни метри.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button