ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Автопатот Охрид – Кичево може да изеде уште пари

Ќе се трошат ли уште пари за новиот автопат Охрид – Кичево? Министерот Благој Бочварски, не е сигурен. Последниот договор со кинеската Синохидро достигна 598 милиони евра. Граѓаните со години чекаат автопатот да биде завршен. Тој почна да се гради во 2014 година. Министерот се надева работите да завршат во предвидениот рок односно на крајот на оваа година, но на прашањето дали ова ќе биде крајната цена, тој одговори:

„Ние во моментот имаме таква договорена цена, јас не можам да прејудицирам за пониска или за повисока цена. Можам да го кажам тоа што го имаме како договор помеѓу државата и изведувачот“, рече Бочварски.

Надлежните секоја зима чекаат да се подобрат временските прилики за да се интензивираат работите на теренот.

„Очекувам да продолжат со засилено темпо градежните работи во текот на оваа година, секако со отворањето и подобрувањето на временските услови…“, додава Бочварски.

Временските услови пак, оваа зима беа идеални за работа затоа што немаше ниту студ, ниту снег.

Во меѓувреме, стагнираат и многу други патни делници кои власта ги најавува со години. Така на пример челниците од ДУИ постојано го ветуваат, но сè уште не се реализира автопатот Скопје – Блаце, кој се изведува исклучително бавно. Со години се најавува и реконструкција на патот Подмоље – Струга – Ќафасан, во должина од само 19 километри. Работите таму почнаа пред неколку месеци, па беа стопирани. Вчера директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми најави дека работите ќе завршат до септември. Го прашавме министерот Бочварски колку е реално ова ветување, но тој не ни даде јасен одговор.

„Секоја една рехабилитација и реконструкција е значајна за Министерството за транспорт и врски и за Владата“, рече министерот Бочварски.

А, додека во Албанија интензивно се работи на современо патно поврзување, како што е од Поградец до Свети Наум или од Елбасан кон Ќафасан, во Македонија работите речиси стојат во место.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button