ВЕСТИРЕГИОН

Балкански Либерали за нон-пејперот: Ковид-кризата во регионот и ЕУ плодна почва за опасни националистички идеи за прецртување на границите

Поранешната министерска за надворешни работи на Хрватска, Весна Пусиќ, заедно со поранешниот министер за одбрана на Словенија, Роман Јакиќ и поранешниот македонски државен секретар за надворешни, Емил Кирјас, изутринава одржаа прес-конференција во која побараа експресна остра осуда од цела Европска Унија за идеите за прекројување на границите на Западниот Балкан, што циркулираат заедно со наводниот нон пејпер на Јанез Јанша, јави дописничката на МИА од Брисел.

Вакуумот во регионот создаден делумно од кризата со Ковид-19 и претстојната длабока рецесија во ЕУ се плодна почва за опасни националистички идеи за прецртување на границите и под итно мораат да бидат сопрени, повика Емил Кирјас.

Нејасно е зошто овој нон-пејпер циркулира сега, кој е негов автор, дали е пробен балон, но прашањата што ги отвори се во спротивност со сите вредности и принципи на ЕУ, сметаат Либералите во регионот.

За поранешниот министер за одбрана на Словенија, Роман Јакиќ, овој документ, според неговите информации е примен во ЕУ во февруари, но не се знае кој го напишал и е во целосна противречност со надворешната политика на Словенија.

-Ова е направено по мера на националистичките кругови, порача Јакиќ и потсети дека самиот американски државен секретар, Ентони Блинкен, сугерираше во март дека идеи за прекројување на границите се шират и разгледуваат интензивно.

За опасноста на овие идеи се огласи и поранешната шефица на хрватската дипломатија, Весна Пусиќ, која изрази посебно загриженост за содржината на нон пејперот поврзана за наводен „есктремистички исламизам“ во Босна и Херцеговина.

-Ова не е вистина, Босна и Херцеговина е пример за европски Ислам, но ова може да се претвори во самореализирачко пророштво во ваков пристап, рече таа.

Пример за тоа е изјавата на францускиот претседател пред повеќе од една година во која тој рече дека Босна и Херцеговина е темпирана бомба за тероризам.

-Концептот на Макрон за исламистичкиот екстремизам е силен доказ сам по себе колку е опасно за самата Европа да се шират митови, кога Макрон го повторува овој мит сервиран повторно и повторно од политичари, како Додик и Човиќ, може да почне да се третира како фактот, затоа е важно да се вклучи Франција посилно во европското справување со западен Балкан, изјави Пусиќ.

Таа повика на претстојниот Совет за надворешни работи на ЕУ министрите силно да ја потврдат ЕУ перспективата за Западниот Балкан и да инсистираат дека прекројувањето на границите не доаѓа предвид.

-Кој и да го напишал веќе си ја исполнил целта, за прв гледаме поделена Босна и Херцеговина, ампутирана Северна Македонија и Косово како дел од Албанија, она што беше незамисливо до пред една недела сега е во умовите на луѓето, и тоа беше целта, кој и да го напишал ова го посади семето на ѓаволот, изјави Пусиќ.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button