ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

„Бехтел-Енка“ веќе си инкасираа 120 милиони евра од Македонија!

Владата ги префрли првите 120 милиони евра на сметката на Бехтел и Енка. Оваа сума е нешто помалку од 10 отсто од најавената вредност на четирите автопати кои допрва треба да ги гради оваа американско-турска компанија и на крајот да добие над 1,3 милијарди евра. Информацијата ја потврдија властите без да ја спомнат сумата, но напоменаа дека станува збор за аванс за изведувачот кои ќе се искористат за логистички активности пред стартот на градежната офанзива.

„Ние на почеток кога ги доведуваме на работа сите компании им плаќаме авансно плаќање за мобилизирање на компанијата што ќе ги изврши градење и за сите други трошоци. На тој начин и според овој договор, кој го имаме со Бехтел и Енка и според програмата помината на Влада за работа, ние мора да го почитуваме договорот, бидејќи тие средства се буџетски и ние треба да ги реализираме сите тие трансакции кои произлегуваат од договорот“, рече Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП.

Опозицијата и натаму останува на ставот дека пред да почнат градежните работи Бехтел и Енка од државата ќе добие нешто над 300 милиони евра. Власта и денеска тоа го демантираше, но опозицијата и натаму тврди дека земјава ќе плаќа пенали бидејќи доцни со промена на клучните закони во Собранието. На тоа Владата се обврзала пред странскиот конзорциум.

„Вие граѓаните пред два дена уплативте 120 милиони евра за ништо, шајка немаат заковано. Шајка немаат до сега заковано и затоа кога велиме дека за овој криминал некој ќе одговара, тоа навистина го мислиме. Ќе повторам, не сме за тоа да не се гради, туку сме да се гради на вистински начин и да се гради на законит начин“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Само пред неколку дена, вицепремиерот Артан Груби, кој е надлежен за проектите на Бехтел и Енка, истакна дека доколку се утврди оти сомнително е потрошен само еден денар, во множина потенцираше: „да скапеме во доживотен затвор“. За изборот на надзорот пак, предмет отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но предмет води и Антикорупциската комисија. Дополнително на тоа, иако граѓаните ќе плаќаат, власта тврди дека не смее на јавноста да ѝ го покаже договорот, затоа што бил таен.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button