ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Бектеши се сретна со поглаварот на ИВЗ за енергетската криза

Министерот за економија Крешник Бектеши побара помош од поглаварот на Исламската верска заедница да испрати апел до верниците, што помалку да трошат струја. Министерот вели дека многу е важно да се штеди, не само за домашниот буџет туку и за трошоците на државата за производство на електрична енергија.

„Голема поддршка ќе биде секоја порака која ќе излезе од страна на ИВЗ, а воедно тоа ќе се сподели и преку џамиите преку верниците“, рече Бектеши.

Поглаварот на ИВЗ Шаќир Фетаху, испрати апел до граѓаните и верниците за рационално користење на струјата. Првиот човек на исламската верска заедница вели дека верските објекти не се големи потрошувачи на електрична енергија. Тој додава дека верските лица одамна штедат и рационално ја користат струјата додека ги извршуваат нивните задачи.

„Со нашите зборови, со нашите состаноци ќе помагаме за излез од кризата, меѓутоа и за што помалку трошење од буџетот на нашите фамилии, на нашите граѓани, верници итн. Јас мислам дека во името на Исламската верска заедница изјавувам дека ќе бидеме во служба на помагање за надминување на сите проблеми, а посебно проблемот за рационално трошење на електрична енергија“, рече Шаќир Фетаху, поглавар на ИВЗ.

Пред неколку месеци во медиумите беше објавено дека меѓу најголемите потрошувачи на струја се верските објекти меѓу кои се џамии и цркви. По оваа средби, ресорниот министер најави состанок и со поглаварот на МПЦ чија цел ќе биде преку порака до православните верници да се намали трошењето на струјата во ова време на енергетска криза.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button